„МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУНИ 2025 ГОДИНА
Потрошени 8,5 милиони евра, а само пола од матичните податоци се внесени електронски, изводи се печателе и ноќе во 22 часот, утврди корупција ДЗР – „И покрај тоа што дигитализацијата на матичните книги започнала пред повеќе од една деценија, и вложени се над 520 милиони денари, со ревизијата се утврди дека процесот сè уште не е завршен, односно скенирани се 52% од записите, а внесени во електронскиот регистар се 49% од предвидениот обем на активности. Државниот завод за ревизија утврди слабости во финансиското работење на Општина Центар – Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во финансиското работење на Општина Центар за 2023 година. Според извештајот, општината има ненаплатени побарувања од над 4,4 милиони евра, без утврдена рочна структура или правна можност за наплата. Дополнително, во делот на јавните набавки се констатирани бројни неправилности кои го нарушуваат принципот на конкуренција и транспарентност, предвиден во Законот за јавни набавки, стои во извештајот на ревизорите. ДЗР: Регионален развој без резултати – Јавните инвестиции заглавени во локални приоритети – Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Ефекти од јавни инвестиции во рамномерен регионален развој“, со цел да утврди дали јавните инвестиции се ефикасно и ефективно планирани и спроведени, и дали придонесуваат за долгорочно одржлив регионален развој. Непостоење на јасен критериум за регионални проекти, распределба на средства преку линиските министерства наспроти распределба на средства преку Програмата за рамномерен регионален развој, распределба на средства на општини и проекти без јавен повик во нетранспарентна постапка, отсуство на систем за оценка и одржливост на проектите има влијание на ефектите од јавните инвестиции во регионалниот развој. ДЗР: ЕЛЕМ ТУРС со големи загуби и застарени капацитети – Државниот завод за ревизија ја објави анализата на финансиските извештаи и работењето на ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје за 2023 година, при што констатира сериозни финансиски и управувачки проблеми. Според ревизорите, компанијата се соочува со акумулирани загуби од околу 1,2 милијарди денари и задолженост која надминува 268 милиони денари. Во извештајот се нагласува дека застарените сместувачки капацитети, нерационалното трошење на средства и несоодветното управување сериозно ја нарушуваат стабилноста на друштвото. Особено загрижува недостатокот на осигурување на имотот и средствата, како и прекумерниот ангажман на аутсорсинг услуги со исплати над предвидените договори.
Судовите се неажурни во работата, нерешени им стојат 150 илјади предмети – Судовите во Македонија се неажурни. По првите три месеци од годината не успеале да ги решат заостанатите и ново пристигнати предмети, па пред судиите, за решавање останале близу 145 илјади предмети. Според извештајот на Судски совет, од вкупно 34 судови, единствено ажурни се судовите во Штип, Велес, Радовиш и Виница. Од советот велат заради бројните празници во јануари, вообичаено било во првото тримесечје судовите да не успеат да ги совладаат предметите, но, главниот проблем го гледаат во недостигот од судии и административен кадар.
Годишен извештај на ЈО: Зголемен бројот на тешки убиства и кривични дела во сообраќајот – Со намалени кадровски капацитети, а со зголемен обем на работа. Вака јавните обвинителства ја поминале минатата 2024 година, се вели во Годишниот извештај за нивната работа што го објави Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Така, според документот, во текот на 2024 година основните јавни обвинителства во државата постапувале против вкупно 37 255 сторители на кривични дела, од кои 25 909 сторители биле новопријавени. Во оваа насока од Обвинителството нотираат дека споредбата на податоците покажува дека минатата година е регистрирано значително зголемување на бројот на новопријавени сторители на кривични дела во однос на претходната 2023 година за околу 10 проценти.
Охрид: Невладините се жалат, дивоградбите си врват – Молк по алармот на невладините организации дека на повеќе локации во Охрид незаконски се гради. Во пресрет на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кој за помалку од еден месец ќе пресече дали Охридскиот Регион ќе биде впишан на Листата на светски наследства во опасност, од Фронт 21/42 порачуваат дека надлежните институции не покажуваат свест за вредностите на светското наследство, ниту одговорност кон идните генерации.
Со даночна измама проневерени 94 милиони евра – Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со случајот „Крмзов“ води постапка против 23 физички и 15 правни лица, осомничени за злосторничко здружување, даночна измама, перење пари и несовесно работење. Според првичните проценки, штетата изнесува околу 90 милиони евра, а незаконските активности се реализирале преку фиктивни договори, манипулации со ДДВ и продажба на недвижности.
„БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУНИ 2025 ГОДИНА
За девет месеци, Финансиската полиција поднела 36 кривични пријави и открила криминал тежок 30 милиони евра – Во изминатиот период откриени се големи случаи со милионски штети на буџетот, изјави директорот на Финансиската полиција, Слободан Ивановски. по повод 22 години од формирањето на институцијата. Директорот најави дека во следниот период ќе ги интензивираат и финансиските истраги, што ќе значи утврдување, лоцирање и замрзнување на имотот кој што е пренос од казниво дело.
Арсовска поднесе пријава за 20 дивоградби во Чаир – Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, поднесе кривична пријава за 20 случаи на незаконски легализации на дивоградби во општина Чаир. Арсовска ја поднесе пријавата во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и наведе дека за дивоградбите морал да знае чаирскиот градоначалник Висар Ганиу и неговиот тим. На прес конференцијата пред обвинителството, по првичните несогласувања со обезбедувањето на објектот, Арсовска покажа и две сателитски снимки од Чаир. На снимката од 2017-та конкретните дивоградби ги нема, додека на снимката од 6 години подоцна се гледаат градежни активности. Законот дозволува легализација само на дивоградби изградени до средината на 2011-та година.
Покрената истрага за дивоградба од шест спрата во Чаир – Постапувајќи по кривична пријава поднесена од група жители, државен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје спроведе истраги и издаде решение за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело нелегално градење од член 244-а од Кривичниот законик. Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија информираа дека објектот започнал да се воздигнува во 2024 година, без потребна дозвола и на државна парцела на улицата „Кемал Сејфула” во Чаир. Обвинетиот, во својство на менаџер на правен субјект, се појавува како инвеститор на градбата – резиденцијална зграда со деловни единици и висина П+П+6+Пк планирани за продажба.
ДКСК ќе покрене кривично гонење на јавно комунално претпријатие поради незаконски јавни набавки – Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) донесе одлука за поднесување иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство против едно јавно комунално претпријатие за сомнежи за спроеведени незаконски постапки за набавки во врска со третман на градска депонија од пожари. Подносителот, како што информира известителот по предметот Билјана Каракашова Шулев на денешната 19-та седница, во пријавата навел дека за ист или сличен предмет за јавна набавка во 2021 година вредноста била поголема отколку во 2022 година, и според него со оглед дека станува за иста, односно идентична спецификација разликата во цена за една година отвора сомнение за коруптивно однесување во првиот случај на набавка.
КЗК: Вишиот управен суд потврди решение со што се утврди дека големи веледрогерии склучиле забранет договор – Вишиот управен суд со пресуда го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), со што таа утврди дека две големи веледрогерии – АД „Д-р Пановски“ и „Фарма трејд“ ДООЕЛ – Скопје, склучиле забранет договор – картел при учество во постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал. Комисијата за заштита на конкуренцијата истакнува дека „при откривање и документирање на овој картел го имала предвид домашното законодавство, но и судската пракса на Европската Унија“.
Три години и четири месеци затвор за раководителот од Маврово – фатен на дело со поткуп – По поднесеното обвинение од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против С.Е., сега осудениот во целост призна дека ги сторил кривичните дела Примање поткуп и Примање награда за противзаконито влијание и наводите во обвинението. Основниот кривичен суд Скопје му изрече осудителна пресуда врз основа на признание на вина и му одреди казна затвор во траење од три години и 4 месеци. На предлог на јавниот обвинител, судот одлучи да се конфискуваат сите парични средства во вкупен износ од околу 11.600 евра што во моментот на претресот беа пронајдени кај сега осудениот, што претставува примена на инструментот на проширена конфискација предвиден во член 98-а од Кривичниот законик.
Транспаренси Интернешнл-Македонија