Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, по завршувањето на вечерашната седницата на Централниот одбор на СДСМ го соопшти новото раководство на партијата.
-На седницата на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се избра новото раководство. Нови партиски потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска. Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите, рече тој.
Изненадување на седницата е изборот на Александар Давчевски за претседател на Градската организација на СДСМ. Во Извршниот одбор остануваат Андреј Жерновски, Агрон Демири и Симона Цветановски, додека поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, е меѓу новите членови.
Венко Филипче исто така ги предложи Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, Наташа Попоска, Петар Огњеновиќ, Андреј Бислимовски и Филип Андов-Сокол за членови на Извршниот одбор.
Фани Каранфиловска-Пановска ќе остане заменик-претседателка, бидејќи таа беше избрана од конгресот и нејзината оставка само таму може да се констатира..
Со овие избори, СДСМ има комплетно обновено раководство кое ќе ги води партиските активности и иницијативи во наредниот период.




