Таа во интервју за утринската програма на МРТВ појаснува дека денеска заедно со претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе има состанок кај вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Ќе разговараме за минималната плата и за дијалогот кој ќе го продолжиме понатаму во Економско социјалниот совет за да изнајдеме најдобро решение прифатливо за сите, рече министерката Тренчевска во интервјуто.
Министерката информира дека инспекциските служби будно ја следат имплементацијата на Законот за работни односи и на Законот за трговија во врска со законското решение недела да биде неработен ден со кој 92 отсто од работниците нема да работат. Тренчевска посочува и дека од почетокот на годината се извршени 163 инспекциски надзори, при што, се констатирани 34 неправилности за кои се изречени инспекциски мерки. Од нив, 29 се решенија за опомена согласно Законот за работни односи а 5 се за забрана согласно Законот за трговија.
-Сите податоци од извршените инспекциски надзори јавно се објавени на страницата на Државниот инспекторат за труд. Наскоро очекувам да биде објавена и листата на работодавачи кои што доставиле известување, согласно Законот за работни односи, од обврската пријава дека ќе работат во недела. Така сите заинтересирани граѓани и медиуми можат да следат кои работодавачи ќе работат во недела. Ако видат дека некој нема пријава за работа во недела ќе може да ја пријават неправилноста, рече министерката Тренчевска.
Според неа, праксата ќе покаже какви се ефектите од имплементацијата на недела неработен ден, бидејќи на терен Законот за недела неработен ден се спроведува само еден месец. Со дополнителни анализи ќе се утврдува дали целта е постигната.
Со новото законско решение 8 отсто од работниците кои работат во техничко – технолошкиот процес кој не може да биде прекинат во недела, ќе добиваат 50 отсто повисока дневница и дополнително еден слободен ден во текот на наредната недела.
Тренчевска информираше дека Министерството за труд и социјална политика од отворањето на градинките во септември 2020 година до денес, будно ја следи состојбата во врска со пандемијата предизвикана од Ковид 19 и дека процентот на вакцинирани вработени во детските установи е висок.