Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска во Женева оствари билатерална средба со министерот за труд и социјална заштита на Молдавија Алексеи Бузу.
На средбата, како што соопшти МТСП, беше разговарано за европскиот пат кој претстои пред двете земји до комплетна евроинтеграција.
Од страна на министерот на Молдавија беше истакнато дека е потребна поинтензивна соработка и пренесување на искуства за подготовка на министерствата за скринингот, кој, како што се наведува, е дел од ЕУ преговорите, за усогласување на легислативата, но и за искористување на потенцијалите на сите вработени во министерствата во процесот на европските преговори.
– На средбата беше истакнато дека искуството на С. Македонија во делот на подготовката за влез во Европската Унија е од особена важност за Молдавија. Особено во делот на искористените средства од ИПА фондовите и силната билатерална соработка со земјите од регионот, се вели во соопштението.
На средбата, како што се наведува, беше потврдено дека во периодот кој што следи ќе се пристапи кон креирање на формална соработка особено во областите на активација на пазар на труд, младинска гаранција, детска заштита, но и дигитализација на системот на социјална заштита, како краен приоритет на двете земји.
Министрите Тренчевска и Бузу истакнаа дека европскиот пат е предизвик и императив кој води кон секојдневно подобрување на двете земји.