Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска го посети малиот групен дом за деца без родители и родителска грижа и Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Скопје.
–Покрај поддршката на постоечките згрижувачки семејства овој Центар од отворањето до денес има развиено 12 нови згрижувачки семејства преку проценка на подобноста за потенцијално згрижувачко семејство. Заедно со Центарот во Битола и новоотворениот центар во СОС – Детско село ја обезбедуваат услугата на вонсемејна заштита за околу 300 згрижувачки семејства и опфат на околу 500 деца на ниво на државата, реле министерката по посетата на малиот групен дом.
Со воспоставувањето на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, нагласи таа, продолжи трансформацијата на јавната установа за деца „11 Октомври“ во Скопје.
-Денеска посетивме и еден од овие мали групни домови кои заедно живеат веќе четврта година. За нив е обезбедена 24-часовна поддршка од стручен тим кој им помага во секојдневните обврски. Живеењето на децата без родители и родителска грижа во нова форма на живеење, во средина најслична на семејната донесе значајни промени во квалитетот на живот на овие деца што е видливо по секојдневните резултати и успеси кои тие ги постигнуваат и по ништо не се разликуваат од останатите деца. Покрај обезбедувањето на подобра грижа за ранливите категории на граѓани, преку воспоставувањето на нови социјални услуги сериозно работиме и на зајакнување на компетенциите и на стручните кадри кои ги даваат овие услуги, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека го ценат трудот на вработените во установите кои ги даваат социјалните услуги и затоа, како што истакна, во континуитет обезбедуваат раст на нивните плати.
-Платите на воспитно згрижувачкиот кадар расте во континуитет од 2017 година па наваму и покрај исплатата на платите, од 2019 година се исплаќа и надомест за сменско работење, ноќна работа и работа во недела со што значително е порасната висината на платите на згрижувачкиот кадар во делот на сите оние коишто даваат социјални услуги. Како Влада и Министерство остануваме на концептот едно општество за сите затоа што успешноста на едно општество е видлива кога системот ги опфаќа сите граѓани. Се грижи за достапноста на поддршката за оние на коишто им е најпотребна, но се грижи и за оние граѓани коишто со својата професија се даватели на таа поддршка, истакна министерката за труд и социјална политика.
Таа појасни дека на ниво на Град Скопје има четири мали групни домови каде што се сместени деца кои претходно биле згрижени во „11 Октомври“. Има, додаде Тренчевска, и седум мали групни домови каде што живеат децата кои биле сместени во установата „25 Мај“, како и дополнителен број мали групни домови во однос на поддршка за живеење во заедница и на деца со посебни потреби кои биле сместени во Демир Капија.