Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со претставници на Синдикатот на УПОЗ со кои разговарала за покачување на платите на административните работници, исплата на регресот за годишен одмор за 2020 година, за бенефициран стаж на давателите на услуги во центрите за социјална работа, и изнаоѓање на начин за репрезентативноста на Синдикатите во колективното договарање.
-Ние ќе продолжиме да ги решаваме предизвиците. Јавната администрација ја има нашата поддршка, бидејќи само професионална и задоволна јавна администрација е продуктивна. Социјалниот дијалог и социјалното партнерство мора да постојат, затоа прашањето за покачување на платите во администрацијата, ќе го отвориме заедно. Ние ветивме дека ќе го отвориме и прашањето за бодовите во колективните договори, рекла министерката Тренчевска.
Од МТСП информираат дека претставниците на Синдикатот на УПОЗ предлагаат покачувањето на платите на административните работници да биде скалесто, бидејќи системот на плати во администрацијата не е поврзан со минималната плата, туку се дел од Законот за административни работници. Во таа насока тие побарале и измени во Законот.
Министерката Тренчевска посочила дека прашањето за покачување на платите во администрацијата ќе го отвори на владина седница, бидејќи, како што нагласила, стандардот на работниците се приоритет на Владата.
Претставниците на Синдикатот на УПОЗ, сметаат дека вработените во министерствата, агенциите и општините останале со најмали плати, наспроти покачувањето на платите со колективниот договор во здравството, образованието, културата и во МВР.
Тие нагласуваат дека треба да има скалесто покачување на платите на вработените во државната администрација, бидејќи, според нив, системот на плати во администрацијата не е поврзан со Законот за минималната плата, затоа што правата и обврските се регулирани со Законот за административни службеници. Затоа предлагаат измени на Законот за административни службеници.
Претставниците на Синдикатот на УПОЗ побарале во иднина да учествуваат во договарањето за колективните договори.