Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не е против воведување ред и подобрување на безбедноста во сообраќајот преку системот „Сејф сити“, забелешките се во делот на заштитата на податоците, надзорот и можните злоупотреби, посочи потпретседателката на СДСМ и пратеничка Јована Тренчевска во гостување во емисијата „360 степени“, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

Тренчевска нагласи дека загриженоста на СДСМ е отсуството на јасен механизам за контрола и надзор над системот „Сејф сити“.

„Надзорот над целиот овој систем на „Сејф сити“ го нема во законот и тоа е едно прашање за кое мора да се разговара. Мора да има механизам за надзор и контрола. Вака како што е поставен системот не знаеме кој контролира, не знаеме дали ќе има злоупотреби. Кој го храни софтверот, кој го храни компјутерот- човечки фактор на крајот на краиштата“, рече Тренчевска

Таа додаде дека загриженоста постои и од аспект на политичка злоупотреба, особено имајќи го предвид начинот на кој владее ВМРО-ДПМНЕ.

Државата не е зрела за укинување на техничката влада

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не учествуваше на лидерската средба бидејќи таа беше поставена со манипулативна агенда и немаше цел за вистински дијалог за реформите и за европската иднина на државата, порача потпретседателката на СДСМ и пратеничка Јована Тренчевска на интервјуто во емисијата „360 степени“.

„Од сето она што излезе од медиумите и од учесниците на лидерската средба, единствено прашање за кое се разговарало била техничката влада и Законот за прекршоците, а додека сето она што е важно прашање, во моментот тоа е реформската агенда, како и кога ќе се донесат законите од она што е наша обврска кон Европската Унија, не станало ни збор, само беше во најава“, рече Тренчевска.

Таа додаде дека одлуката на СДСМ да не присуствува беше јасна уште од најавата за лидерската и се покажа дека е исправна. Тренчевска посочи дека СДСМ нема да биде дел од никаков лажен дијалог.

„Не треба да сме дел од тој лажен дијалог помеѓу опозицијата и позицијата и не смееме да дозволиме да бидеме алиби на намерите на власта за предвремени избори по однапред подготвено сценарио, не смееме да бидеме алиби на власта за намерата да ја укинува техничката влада. Зошто да бидеме алиби на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори“, рече Тренчевска.

Во интервјуто Тренчевска посочи дека институциите не се демократски зрели за да се посегне кон укинување на техничката влада, што впрочем се потврди и на последните избори со притисоците што владата на ВМРО-ДПМНЕ ги вршеше преку институциите.

„Во моментот институциите го немаат тој демократски капацитет ниту, пак, власта е зрела, демократски зрела за да може да се укине во овој момент – техничката власт. Видете го влијанието на Министерството за внатрешни работи и на центрите за социјална работа, односно на Министерството за социјална политика, демографија и млади во општините, на Министерството за земјоделство и како се вршеше притисок врз граѓаните преку овие институции. А овие институции се дел од техничката влада“, рече Тренчевска додавајќи дека единствено техничката влада може да гарантира минимум услови за фер избори.

Буџетот за 2026 е индикатор дека власта се подготвува за предвремени избори, а не за економски  развој

Буџетот за 2026 година е јасен показател дека власта се подготвува за предвремени парламентарни избори, а не за развој на економијата, нагласи потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јована Тренчевска, во интервјуто во емисијата „360 степени“.

Тренчевска посочи дека структурата на буџетот покажува дека станува збор за предизборен и потрошувачки буџет, без сериозни капитални инвестиции.

„Носењето на буџетот е силен индикатор дека овој буџетот за 2026 година е буџет кој е скроен за предизборна година, буџет што е празен, во кој имаме само сервисирање. Нема пари“, рече Тренчевска.

Притоа Тренчевска додаде дека во буџетот доминираат тековни трошоци, а капиталните инвестиции се на минимално ниво.

„Само 9 % од целиот буџет е за капитални инвестиции, што укажува дека е буџет што ќе трае најмногу девет месеци“, рече Тренчевска.

Таа додаде дека вака скроениот буџет не може да обезбеди фискална стабилност, ниту економски раст.

„Не може да биде буџет за фискална консолидација. Буџет што нема капитални инвестиции, кога тоа е потрошувачки буџет, не е развоен буџет. Ако немате капитални инвестиции, ако 9 % од вкупниот буџет се капитални инвестиции, вие не сте насочени кон развој на економијата“, посочи Тренчевска.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Фото: СДСМ