Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска ја предводи делегацијата на Македонија во Женева.
Делегацијата ќе учествува на Регионалната конференција на UNECE/UNFPA – „Население и развој: Гарантирање на права и изборот“.
Конференцијата, како што соопшти МТСП, треба да придонесе кон оценувањето на напредокот во имплементацијата на акцискиот план креиран на Меѓународната конференција за население и развој во делот на Економската комисија на Обединетите нации за Европа, како и Агендата за одржлив развој од 2030 година. Фокусот ќе биде на клучните активности за имплементација и ќе одговори на пошироките политички проблеми поврзани со три главни теми: динамика на населението и одржлив развој, семејства и сексуално и репродуктивно здравје во текот на животот и нееднаквости, социјална вклученост и права.
Тренчевска ќе се обрати на пленарната сесија која е во рамки на конференцијата.
Покрај активното учество на конференцијата планирано е министерката Тренчевска да оствари две билатерални средби со извршната директорка на UNFPA Диен Кеита и со министерот за труд и социјална заштита на Молдавија Алексеи Бузу.