Двајца тренери на Арсенал во тимот до 23 години, Стив Гетинг и Карл Лараман се суспендирани поради малтретирање на неколку играчи, јавува Би-Би-Си.
Клубот реагирал по жалбите од членовите на младите селекции на Арсенал.
Гетинг е главен тренер на генерацијата до 23 години и некогаш играше за клубот – од 1977. до 1981. година. Лараман е негов асистент.
-Суспендиравме двајца тренери и покренавме истрага на основа на желбите на неколку играчи. Ова се приватни работи, работи на клубот и нема за нив да зборуваме во детали, порачаа од Арсенал.
Ниту еден од двајцата тренери се уште не даде официјална изјава по ова прашање, но ги немаше на натпреварот со Порто во вторникот вечерта, кога Арсенал изгуби со 1:0.
Овој проблем барем некое време ќе го тргне фокусот од опростувањето на Арсенал со Арсен Венгер, кој на крајот на оваа сезона, по 22 години ќе го напушти клубот.