Унгарците очекуваа рутински триумф на стартот од овој ракометен мундијал, но Македонија одигра извонреден меч, па сега Чема Родригез и неговите избраници треба да се среќни што освоија еден бод на отворањето во Вараждин.

„Знаевме дека нема да биде лесно, дека Македонија е квалитетна репрезентација. Играа бавно во нападот и моравме да бидеме фокусирани подолги периоди, а кога ние бевме во напад, тие имаа одличен голман на својот гол. Не сме изненадени, знаевме колку ќе ни биде тешко, особено што првите средби на големите натпреварувања се секогаш компликувани. Чувствуваме дека добивме бод бидејќи во вакви ситуации, со еден плус и напад репрезентацијата што има водство, од 100 натпревари победува 98 или 99 пати. Чувствуваме дека денеска среќата беше на наша страна“, изјави Чема Родригез.

„Бомбардерот“ Ричард Бодо го заврши мечот со пет погодоци, а на прес-конференцијата по натпреварот изрази жалење што Унгарија не стигна до победата.

„Честитки за двата тима за извонредниот натпревар. Мислам дека во второто полувреме сакавме да дадеме брзи голови, но промашивме многу. Беше тешко, знаеме дека мораме да бидеме подобри на следните натпревари“, истакна Бодо.