Мерките за поддршка кои прават обид на подолг рок да го ограничат или замрзнат пазарот и цените, или да го контролираат, даваат обично само краткорочни, често слаби резултати и акумулираниот притисок врз бизнисите и цените со извесно задоцнување уште повеќе ескалира во иднина, што веќе сите го чувствуваме во изминатите неколку месеци, вели за МИА Борче Треновски, професор на Економскиот факултет во Скопје.
Секое одложување предизвикува несигурност и влијае врз цените
Прашан дали веќе требаше да бидат објавени и преземени мерки за поддршка на бизнисите и граѓаните тој порачува дека треба што поскоро да се утврди и објави конкретен план за планираните мерки. Секое одложување и нејасно толкување на мерки ќе предизвика дополнителна несигурност, паника, дополнително влијание врз цените и ќе има економски последици кои можат да се засилуваат во периодот кој доаѓа, предупредува Треновски.
-Кога се соочуваме со глобален економски непријател од овој калибар секој пука со муниција и оружје со кое располага, меѓутоа, во некои случаи прецизноста е особено важна, вели Треновски, и укажува на потребата од практичното користење на мерките и нивно едноставно и брзо спроведување.
Однесувањето на граѓаните и бизнисите, укажува професорот, е во зависност од нивните очекувања и информациите со кои располагаат. Секоја неизвесност, погрешна информација или недоволна информираност, може значајно да влијае на однесувањето на економските субјекти и понатаму врз ефикасноста на планираните економските мерки. Затоа не ретко во минатото во голем број случаи во бројни економии, сме биле сведоци дека понекогаш самата најава на определена мерка е доволна да ги смири пазарите и бранувањата во економијата.
-Ако се ставиме на местото на компаниите или граѓаните, не е тешко да утврдиме дека шумот од информации или најави дека ќе има мерки за нивна помош или ќе нема, дека ќе се замрзнат маржите, цените, дека ќе има други мерки, дека цените на суровините и енергијата ќе растат, дека можеби ќе обезбедиме поевтина енергија, дека ќе биде најтешка зима и можеби ќе има рецесија итн.. Сето ова влијае најпрвин бизнисите да ги вградат овие информации и очекувања во своите цени (да ги зголемат) и да ги прилагодат своите економски активности со цел да го заштитат својот интерес – профитот и преживување на бизнисот, наведува Треновски.
Оттука, дополнува, делумно станува појасно зошто бизнисите кај нас се повеќе ги вградуваат своите очекувања за цените и идните политики во цените. На пример, и покрај намалувањето на глобалните цени на храната пет месеци по ред, се уште сме сведоци на зголемување на доминантен дел од цените на домашниот пазар, што во еден дел е резултат и на повисоката цена на електричната енергија. Граѓаните исто така, колку што е можно ќе се прилагодат на очекуваната состојба, менувајќи го своето однесување и активности во рамки на нивните можности и домашен буџет, придружено со извесно незадоволство или задоволство од очекуваните состојби.
Како што вели Треновски, не смее да се остави вакуум во комуникацијата и подготовката на мерките со кои се планира да се помогнат најпогодените граѓани и бизниси. Секое одложување и нејасно толкување ќе предизвика дополнителна несигурност, паника, дополнително влијание врз цените и ќе има економски последици кои можат да се засилуваат во периодот кој доаѓа.
– Потребно е што поскоро утврдување и објавување на конкретен план -календар за планираните мерки (нивно постепено воведување или предвидена можност за модификација според потребите) кои ќе бидат преземени, со јасно дефиниран рок на траење, јасно определен опфат на бизниси и граѓани и јасна процедура за користење. Посебно внимание е потребно околу надминување на предизвиците и процедурите за практично користење на мерките, кои често беа камен на сопнување во целосна и брза имплементација на определени мерки во минатото – потребно е едноставно и брзо, изјави Треновски.
Имајќи предвид оти буџетскиот капацитет е ограничен, а финансиска поддршка е неопходна, потребни се два аспекти на делување.
-На една страна, чесно и отворено елаборирање на реалниот фискален капацитет за поддршка кој го имаме со јасно презентирање на планирани активности за мобилизација на дополнителни јавни средства/приходи (поголема ефикасност, помалку сива економија, зголемување на определи давачки/даноци, замрзнување на определени расходи, институционална/
Ова, дополнува тој, е дотолку важно што глобалните трендови, а и домашните, во мерките покажаа дека мерките за поддршка кои прават обид на подолг рок да го ограничат или замрзнат пазарот и цените, или да го контролираат даваат обично само краткорочни, често слаби резултати и акумулираниот притисок врз бизнисите и цените со извесно задоцнување уште повеќе ескалира во иднина – што веќе сите го чувствуваме во изминатите неколку месеци.
Според него, причините делумно се во природата на мерките, а дел во скромниот институционален капацитет (инспекциски служби, дигитални алатки, ажурни институции и администрација), со кој располагаме за да контролираме пазарни сегменти – маржи, цени, понуда и побарувачка итн. Поради тоа, смета тој, директната поддршка на најзагрозените граѓани/бизниси е еден начин за поефективно ублажување на ценовните шокови – логиката е следна – имате ограничени буџетски средства (кои на краток рок е многу тешко значајно да се зголемат), имате граѓани/бизниси со различен капацитет да се справат со ценовните/економските шокови – ова упатува дека е најдобро да помогнете онаму каде што е најкритично, оставајќи дел од бизнисите и граѓаните кои имаат определен капацитет да се соочат со шокот кој надоаѓа и да се прилагодат на пазарот.
-Искуствата и мерките кои се преземаат во оваа насока се во повеќе домени – или таргетирано давате финансиски средства или таргетирано ослободувате од давачки и субвенционирате граѓани и бизниси. Некои од мерките кои може да се преземат, се разбира и комбинираат согласно нашите фискални можности можат да одат во насока – ваучери за пензионери и лица со минимални примања и тоа за енергија или за набавка на основни производи, даночни ослободувања (доход, ДДВ и др.) за оние со најниски приходи, таргетирани субвенционирање (намалување) на сметки за електрична енергија за најпогодени граѓани/бизниси. Особено интересна мерка која ни ја овозможува денешната технологија е на пример мерката со која скенирањето на фискалните сметки и повратот на ДДВ за најпогодените граѓани (пензионери, приматели на минимална плата) ќе биде значајно повисок/или целосен додека за оние со повисоки примања може во моментот повратот на ДДВ да биде замрзнат, дополнително може да се засили повратот за македонски производи итн, вели Треновски.
Овие мерки, како што потенцира, треба да бидат придружени со структурни промени и активности, како директни мерки за поттикнување и субвенционирање, како и активности за поттикнување на штедењето и зголемување на домашното производство на храна и енергија.
– Повторно би завршиле со потенцирање на капацитетот со кој располагаме – кога се соочуваме со глобален економски непријател од овој калибар секој пука со муниција и оружје со кое располага – меѓутоа во некои случаи прецизноста е особено важна, порачува Треновски.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера најави дека за многу скоро време ќе бидат објавени конкретни антикризни мерки насочени кон најранливите категории на граѓани. За утре е закажана седница на Економскиот совет во Владата од каде се очекуваат информации во таа насока.
– Веќе се подготвуваат и листите и категориите на граѓани коишто ќе бидат поддржани со дополнителни финансиски средства од буџетот, со цел да можат полесно да ја пребродат кризата која што ја имаме, изјави Ковачевски.
Според него, замрзнувањето на маржите функционира, но импутите, енергенсите, суровините, што ги добиваат производителите на основните прехранбени производи ги влечат цените нагоре, што е случај практично во сите држави.
– Сите сме свесни за растечките цени на храната, особено на основните прехранбени производи. Владата направи првични мерки за замрзнување на цените, меѓутоа подоцна со оглед на тоа дека ние сме отворена економија, која што разменува со странство, предолго замрзнување на цените не е можно, бидејќи ќе се јават недостатоци, па затоа преминавме како што преминаа и други држави кон замрзнување на маржите, истакна Ковачевски.
Со одлука на Владата, од јуни маржата за бел леб, шеќер и сончогледово масло е пет отсто во трговијата на големо и на мало, а за јајца, брашно, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз и млеко 10 отсто. Одлуката со важење до крајот на септември е продолжена до крај на годината.
И покрај ограничувањето на маржите, растот на цените во изминатиот период продолжи, а во Организацијата на потрошувачи пристигнуваат поплаки.
Според Државниот пазарен инспекторат, ограничувањето на цените со владините одлуки во принцип се почитува.
-Државниот пазарен инспекторат е постојано на терен, во принцип ограничувањето на цените се почитува, онаму каде било констатирано било каков прекршок секако дека било санкционирано, изјавија за МИА од ДПИ.
Во однос на разликата во цените на производите, како што велат, трговците ги одредуваат цените согласно со своите трошоци, зависно од растот на увозните цени, нивните производствени трошоци и слично. Се додека е во рамки согласно со Одлуката не е казниво со закон, посочуваат од ДПИ.
Казните за компаниите кај кои се утврдени неправилности во согласност со законите се движат од 800 до 10 000 евра во денарска противвредност, зависно од големината на субјектот, односно дали се работи за микро, мал, среден или голем трговец.
Инспекторите на ДПИ во изминатиот период утврдиле неправилности најчесто по Законот за трговија во повеќе градови и тоа е санкционирано.
-Во тек на изминатите три месеци јули, август и септември, Државниот пазарен инспекторат има извршено 5320 инспекциски по различни основи во рамки на надлежностите, но најчесто надзорите се врз основа на Законот за трговија, Одлуката на Владата за посебни услови во трговијата на одделни стоки (маржа на прехранбени производи, пелети и огревно дрво), Законот за туристичка дејност и Законот за такса за привремен престој, трговија на тутун и тутунски производи, Законот за заштита од пушењето, информираа од ДПИ.
Поради растот на цените, од Организацијата на потрошувачи на Македонија апелираа да се донесат нови мерки и механизми за заштита на потрошувачите.
-Цените на продуктите растат енормно високо, потрошувачите се жалат и кај нас. Апелираме да се носат нови мерки по нови механизми. Не знаеме дали е тоа на некој начин вештачко покачување, односно колку трговците и производителите имаат високи трошоци за цените буквално да ги менуваат од ден за утре и тоа за можеби половина повисока цена што не е толку логично во овој сегмент, изјави Мартина Грнчаревска од ОПМ.
Министерството за економија најави дека со нов закон ќе има поголеми казни за нефер трговските пазарни пракси. Најавено е и дека ќе се обезбеди високо ниво на заштита на правата за потрошувачите и ќе се гарантираат полесни услови за деловно работење.
Народната банка регистрираше просечна инфлација во периодот јануари – август годинава од 11,6 проценти на годишно ниво. Трошоците на живот, како што пресмета Државниот пазарен инспекторат, во август годинава во однос на истиот месец лани се зголемени за 16,8 проценти, а цените на мало за 14,2 проценти. Пораст на трошоците на животот во август во споредба со јули годинава кај лебот и житата за изнесува 6,4 проценти, кај свежото и разладеното овошје за 3,8 проценти, млекото за 3,6 проценти, месото за 2,5 проценти…
Лидија Велковска
Харис Сулејман