Тресончани викендов ги привршуваат подготовките за одбележувањето на 200 години од раѓањето на иконописецот на 19 век мијакот Димитрија Крстев – Дичо Зограф (1819-1872/3) кој е родум од село Тресонче.
Сложни како и во минатото така и денеска, тресончани несебично помагаат во разубавување на просторот каде на 31 август ќе се одбележи овој јубилеј.
Волонтери со потекло од Тресонче со свои донации изградија спомен чешма во негова чест, а се уредува и специјалната одаја во непосредна близина на црквата Свети Петар и Павле, посветена на Дичо во која што овој зограф има создадено неколку десетици икони во периодот меѓу 1845 и 1854 година.
По тој повод, во кругот на храмот Св. Петар и Павле во Тресонче на 31 овој месец и 1 септември, во присуство на видни личности, свештеници и добронамерници, јубилејот поврзан со најпознатиот македонски иконописец ќе се одбележи и со пригодни спортски настани, трка во планинско трчање, кружна трка со планински точаци за Куп на Македонија како и со традиционалниот Маратон по падините на Бистра.