Марко КИТЕВСКИ
Свети Иларион Мегленски, еден од македонските светители, борец против разните ереси во Македонија и посебно во мегленската област е роден во Цариград. Живеел во XII век, а за неговиот живот и дело дознаваме од двете творби: расказ за пренесување на моштите на светителот и неговото опширно житие, кои во истовреме служат и како значајни извори за проучување на разните еретички движења во Македонија во овој период.
Неговите родители биле од видна фамилија но несреќни поради тоа што немале деца. Поради тоа постојано се молеле на Бога да им даде рожба. Мајка му ја молела Богородица и верувала дека таа може да ѝ помогне. И еднаш во сонот навистина ѝ се јавила Богородица и ѝ соопштила дека ќе го добие тоа што го сака. Набргу добила машко дете што го крстиле Иларион што значи радосен и кое уште во првите години покажало необични дарби. Така во третата година ја запеало песната на ангелите „Свет, свет, свет“ и промрморило: „Еден Бог“ што предизвикувало восхит кај сите.
Кога пораснал го дале на училиште да го учи Светото писмо. Во училиштето се стекнал со образование, а во домот со добро воспитување. На 18-годишна возраст ги оставил родителите и го започнал монашкиот живот. Се закалуѓерил во некој манастир и се оддал на постојана молитва. Поради неговото образование и воспитување со него сите се гордееле. Кога старешината на манастирот почувствувал дека му се ближи крајот управувањето на манастирот му го доверил на Иларион, а тој со личен пример докажувал како треба да се живее во слога и разбирање.
Поради таквиот живот од Бога бил удостоен со чудотворна сила. Како раководител на манастирот направил чудо што уште повеќе ја зголемило неговата популарност. Имено, кога завладеала глад тој со молитви упатени кон Бога успеал да ги наполни амбарите со жито од кое се прехраниле не само жителите на манастирот туку и околното население. Потоа и манастирот се здобил со нови жители, особено со ученици.
Тогаш Бог го избрал за повисока должност. На охридскиот архиепискооп Евстатиј му се јавила Богородица и му рекла: „Архиепископе, не колебај се, ракоположи го Иларион за епископ Мегленски. Тој е способен многумина да убеди и да ги насочи на прав пат и да ги ослободи од заблудите“. Во тоа време и самиот Иларион видел сон дека ќе биде поставен на повисока должност.
Потоа, навистина бил поставен за епискооп Мегленски, во 1234 година. Иларион се трудел да го учи народот во Христовата вера и жестоко се борел против разните ереси кои во овој крај зеле широк замав. Во неговото житие се раскажува дека со зборови и дела ги победил ерменците, манихејците, а потоа и богомилите и дека многумина припадници на овие еретички движења придобил за вистинската христијанска вера. Подигнал манастир посветен на Светите апостоли во кој бил погребан кога починал на 21 октомври 1164 година.
На гробот на Иларион се случувале чуда, болни оздравувале, што било причина со посебна царска и црковна одлука да се отвори неговиот гроб и неговите мошти да се пренесат во црквата. Кога го отвориле гробот виделе дека од очите му течело миро како од два извора, од кое многу се излечиле што било причина неговиот култ уште повеќе да порасне, а на гробот да доаѓаат луѓе кои барале лек и спокојство.
Свети Иларион и по смртта им се јавувал на еретиците и ги предупредувал и казнувал. Неговите мошти биле пренесени во Трново во 1206 година и биле погребани во од царот подигнатата црква посветена на Светите 40 маченици. Уште подоцна неговите мошти биле пренесени во Цариград каде што и сега почиваат.
На овој ден се празнува и споменот на преп. Иларион Велики. Роден е во Палестина близу до градот Газа. Родителите го испратиле на школување во Александрија каде што тој освен со образование се стекнал и со сознанија за христијанската вера. Тука и се крстил. Кога се вратил дома родителите веќе биле починати. Имотот го раздал на сиромаси, а тој заминал во пустина каде што се предал на молитви и страдања. Едно време го посетил св. Антониј во пустината и станал негов ученик. Она што бил св. Антониј за Египет тоа бил св. Иларион за Палестина. Кај него идел многу народ поради што тој често го менувал местото на живеење. Едно време живеел на Кипар, потоа на Сицилија, во Далмација и најпосле пак на Кипар каде што и починал во 372 година кога имал 80 години. Еден негов ученик светите мошти ги пресол во Палестина каде што биле положени во Мајунскиот манастир. Тука се случиле многу чуда.