Три големи меѓународни хуманитарни организации денеска ја прекинаа својата работа во Авганистан по одлуката на талибанците да им забранат на жените да работат во невладини организации.
„Спасете ги децата“, Норвешкиот совет за бегалци и организацијата CARE објавија дека без жени не можат да дојдат до децата, жените и мажите на кои им е потребна помош во Авганистан.
Одлуката за забрана за вработување на жени во невладини организации ја донел министерот за економија Кари Дин Мохамед Ханиф.
Тие три невладини организации даваат услуги за здравствена заштита, образование, заштита на децата и исхрана.
„Ги почитувавме сите културни норми и едноставно не можеме да работиме без нашиот посветен женски персонал, кој ни треба да ги допреме жените на кои очајно им е потребна помош“, изјави Нил Тарнер, шеф на Норвешкиот совет за бегалци во Авганистан. Таа група, додаде тој, има 468 жени вработени во Авганистан.