Книгоиздателството „Македонска реч“ од Скопје, ексклузивен издавач на книгите на Горјан Петревски, го објави петтиот серијал, (во секој по три наслова) од проектот Избрани дела со популарни романи од богатиот опус на овој автор, кој долги години го држи приматот на еден од најчитаните и омилени автори кај децата и тинејџерите.
Во петтиот том, со кој се надополнуваат претходните дванаесет објавени дела од овој проект, се застапени уште три наслови од неговиот опус: „Задоцнети писма до Споменка“, „Вечниот ветар“ и „Ехото на старата тага“.
− Избраните дела се чест за секој автор со помислата и задоволството дека, ете, нешто се сработило во животот, но, тоа не значи завршен опус, туку само обврска кон себеси и кон публиката, творештвото уште повеќе да се надоплнува и со нови дела, вели Петревски.
Авторот додава дека читателите му се важни колку и книгите.
– Читателите не треба да се запостават, зашто, всушност, тие се и оние што го создаваат авторот, а не само книгите што ги пишува. Држам до тоа и, се надевам, наскоро пријатно ќе ги изненадам и со нешто ново од мојата работна заложба. А во текот на оваа година, во избраните дела ќе се појават уште три романи што го поминале судот и на читателскиот критериум, вели писателот Петревски.
Корицата, дизајнот и компјутерската обработка на книгите се на академскиот сликар Томе Манески, а проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.




