Шведската агенција за јавно здравје има изработено три сценарија за кризата со коронавирусот, при што најлошото предвидува смрт на уште 5.800 лица.

Шведска веќе има една од најцрните статистики на смртни случаи од коронавирусот во однос на населението. Според најновите податоци, до вчера во оваа скандинавска земја се регистрирани вкупно 5.646 смртни случаи и 78.166 потврдени случаи на заразени лица, со што таа е една од најтешко погодените земји во светот, иако надлежните потенцираат дека инфекцијата се забавува, како и дека се намалува бројот на сериозни и фатални случаи.

Најверојатно сценарио на Агенцијата е дека откако ќе се забави епидемијата ќе се создадат жаришта низ целата земја, што ќе биде полесно или потешко да се контролираат.

-Ова е сценарио што е веќе видено во другите делови на светот и се чини дека го следи вообичаениот пат на Ковид-19, изјави главниот епидемиолог Андерс Тегнел.

Во оваа варијанта, заради ублажување на мерките стапката на заразата брзо би се зголемила затоа што луѓето повеќе би се дружеле, но, исто така, брзо ќе почне и да опаѓа во моментот кога ќе се сфати колкав е ризикот и ќе почнат повеќе да се почитуваат правилата, како што е физичката оддалеченост, објаснува Тегнел. Под едно вакво сценарио би умреле уште 3.200 луѓе.

Во најлошото сценарио се предвидени уште 5.800 смртни случаи доколку коронавирусот го следи класичниот пат на пандемијата.

Најдоброто сценарио е тоа кога би продолжил актуелниот тренд и тогаш би имало приближно 200 мртви, објави Хина.