Ако во летниот период од вкупно тестираните во Тетовско седум проценти од тестираните граѓано биле позитивни на Ковид-19, сега процентот е 30 отсто, покажуваат анализите на епидемиолошката служба при Центарот на за јавно здравје во Тетово. Непочитувањето на мерките односно неносењето на маските и понатаму останува најголема причина за широката трансмисија на болеста, потенцираат од Центарот.
-Градот Тетово, регион Тетово се наоѓа во фаза на висок ризик, во фаза на широко распространета трансмисија. Минатата недела бројката на заболени ни се зголеми двојно, два пати повеќе од изминатиот период. Во регион Тетово минатата недела се регистрирани околу 205 нови заразени, инфицирани лица. Во летниот период позитивитет на тестовите ни беше седум отсто, сега веќе состојбата е влошена. Бројките за два пати се зголемени за минатата недела така што во овој период е исто како и на државно ниво 30 отсто имаме позитивитет од земените брисеви, изјави денес д-р Сузана Субашиќ, специјалист епидемиолог, раководител на одделението за епидемиологија при Центар за јавно здравје.
Епидемиолозите во Тетово велат дека има висока трансмисија, односно ширење на заболувањето поради тоа што не се носат маски. Препорачуваат носење маски и на отворено каде има голема густина на луѓе како што се пазарите.
-Во овој момент имаме фамилијарни кластери, ширење на болеста внатре во фамилија. Не треба да се затвораат пазарите, туку луѓето да почитуваат мерки, да се носат маски на отворен простор каде густина на луѓе е голема, рече д-р Субашиќ.
Вчера Кризниот штаб на Општина Тетово препорача наставниците наместо од училиштата онлајн наставата да ја одржуват од дома поради голем број заразени, но д-р Субашиќ вели дека кластери нема во образовните установи и дека станува збор за поедини случаи.
-Има позитивни случаи во образованието. Но повеќе позитивни случаи има кај возрасните отколку кај децата, но до денеска немаме ниту кластери во училиштата, ни кај наставниците ни кај децата. Ниту пак кластери во градинка ниту кај вработени или кај децата. До сега се е сведено на поединечни случаеви. Поедини наставник, негувател, учител и сите тие се ставени во изолација, до момент на оздравување. Кластери нема. Мое лично мислење, дека ме прашавте што мислам како експерт, мислам дека можат да продолжат барем за сега, за понатаму ќе видиме. Гледаме дека во многу училишта наставата се одржува онлајн, истакна раководителката на епидемиолошкото одделение.
Најмногу заболени има во возрасната категорија 60-69 години, па во групата од 30 до 39 години, потоа 50 до 59, па 40 до 49.
-Сега најмногу заболува активното население кое се движи низ градот и оди на работа. И видливо е дека најмал процент на заразени имаме кај децата и кај 0-9 и од 10 до 19, процентот е најмал, рече Субашиќ.
Тетовскиот Центар за јавно здравје има направено околу 8000 тестови од март од почеток на пандемија досега. Вкупната бројка на заразаени околу 2000 за осум месеци.