Лидерите на партиите во владејачкото мнозинство во Бугарија реагираа на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски за грижата на Македонците во соседните земји.

Освен МНР на Бугарија, со реакции се огласија и Борис Борисов и Слави Трифонов.

– Апсолутна провокација и едноставно не треба да ѝ се обрнува внимание. Министерството за надворешни работи реагираше добро, така што – тие тоа можат, изјави Борисов.

Изјавата на македонскиот премиер преку објава на Фејсбук жестоко ја нападна лидерот на партијата Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов, кој е дел од владејачкото мнозинство во Бугарија.

– Навистина ми е доста од овие луѓе. Не можам да кажам дали сум лут или тажен. Овој Мицкоски е избран демократски. Живо се сеќавам како за време на изборите целата негова изборна кампања беше заснована на омраза кон нас Бугарите. Затоа го избраа. И тој сега зборува вака поради тие што го избрале. Бугарија прва ги призна како држава, и покрај целата наша историја, и покрај сета фикција што ја претставуваат, и покрај сите глупости што ги кажуваат против нас со години, па и наназад… Меѓутоа, таму има луѓе кои се чувствуваат како Бугари. А Бугарија е насекаде каде што живее макар и еден Бугарин. И има многу повеќе од еден. Многу, многу, многу повеќе. Мора да се грижиме за нив, да размислуваме за нив и да се грижиме за нив. А гореспоменатиот Мицкоски, тие што го избраа и тие што уживаат во тоа што го кажува, што се однесува до мене, сите тие на чело со Мицкоски ќе ја гледаат Европската Унија низ искривена макарона. Многу искривена макарона, објави Трифонов.

Изјавата на Мицкоски беше од неговиот одговор на пратеничко прашање од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој бараше Мицкоски да каже дали Владата ќе се заложи за Македонците во Албанија кои се под налет на бугарска асимилаторска политика и дали ќе отвори македонски конзулат во Корча.