„Со податоците со кои излезе Државниот завод за статистика, споредбено со првиот квартал од 2024 година и со првиот квартал од 2025 година, имаме сериозно поместување во позитивна насока”, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во интервјуто за вестите на Канал 5 телевизија.

Министерот додаде дека податоците говорат дека изминатите 11 месеци се носат конкретни чекори и мерки кои вродуваат со плод.

„Во делот на откупот и продажба на земјоделските производи, ако се споредат првите квартали од 2024 и 2025 година, имаме сериозен раст во делот на житата – таму растот е 42%. Во делот на градинарството, споредбено со 2024 и 2025 година, имаме раст од 50%. Додека пак во делот на овоштарство и лозарство бележиме раст од 12%. Во сточарството имаме раст од 13%, во делот на млеко растот е 9%, а во делот на живина и јајца имаме раст од 63%”, појасни тој.

Министерот додаде дека бројките му даваат дополнителна енергија за да продолжи со засилено темпо.

-Податоците за извозот исто така говорат дека во првиот квартал се бележи раст од 5%. Ако тоа се спореди со сумата, тогаш во првиот квартал од 2024 година извозот изнесувал 152 милиони евра, додека пак првиот квартал од 2025 година изнесува 163 милиони евра. Ако ваквата тенденција на раст продолжи, тогаш до крајот на годината може да се заврши со 40-50 милиони евра плус девизен прилив во однос на извозот на земјоделските производи, рече тој.