„Оваа година за разлика од минатата имаме зголемување од 2% во делот на површините кои беа засеани со пченица во 2025 година. Согласно првичните податоци од науката и теренските сондажи, бележиме сериозен раст во делот на просекот кој ќе биде на државно ниво – тој ќе се движи оваа година над 4 тони по хектар”, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

„Овие 70.000 хектари кои ги имаме во евиденцијата како Министерство, засеани со пченица, ќе дадат просек кој е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300.000 тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби”, додаде тој.

Министерот посочи дека во минатото главната забелешка беше што државата дозволуваше стоковните резерви да се полнат со увозна пченица, наместо да се полнат од домашното производство.

„На владина седница донесовме одлука каде што преку Агенцијата за стоковни резерви од индивидуалните земјоделци ќе се врши откуп на 9.000 тони пченица за потребите на стоковните резерви”, појасни министерот Трипуновски.

Тој додаде дека стоковните резерви ќе бидат полнети во повеќе региони низ Македонија: во битолскиот регион, прилепскиот регион, дел во Овчеполието и во Западна Македонија.