Додека земјоделците мака мачат да ги прехранат своите семејства, пајташите на власта сеат страв, се закануваат и уценуваат. Административецот Томе Мојсовски, платен од народни пари да биде во функција на производителите, глуми Ал Капоне. Ги повикувам институциите да реагираат и итно да го разрешат случајот, во најбрз можен рок, рече денеска дополнителниот заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски.
Тој на прес-конференција во Министерството обвини дека СДСМ три години функционира како мафијашко здружение.
-Разговорот што вчера излезе во медиумите е само еден доказ како функционира СДСМ кога е на власт, закани, уцени и притисоци. Разговорот е доказ за криминал. Ако Трајан сакал да изврши притисок за не спроведување закон, како што рече вчера на прес-конференција, зошто не го пријавил тоа кај надлежните институции, истакна Трипуновски.
Според него, Зоран Заев, Љупчо Николовски и Трајан Димковски се фатени во криминал „до гуша“, но ќе одговара секој што го прекршил законот.