Решени сме да воведеме ред и да поставиме една јавна дистинкција меѓу оние кои работат и произведуваат со оние кои манипулираат, порача министерот за земјоделство Цветан Трипуновски во „Наткаст“ на КУРИР со Љупчо Цветановски.
Тој се осврна и на однесувањето на опозицијата која долг период шири дезинформации на темата субвенции во земјоделството, свесно ширејќи паника и страв кај земјоделците.
-Во делот на исплатата на субвенции, нивниот лидер кој што сега очигледно не го спремиле добро за медиумските настапи и мислам дека премногу несериозно е да го пуштаат низ вода, меѓутоа тоа си е нивна работа. Да беа крајно коректни и да беа насочени на економско односно домаќинско управување со државните пари, ние денеска нема да имаме потреба толку да исплаќаме субвенции од претходни години кои што сме ги наследиле. Туку ќе одевме процесот да го продолжиме во еден континуитет, рече тој.
Трипуновски во „Наткаст“ потсети дека во 2024-та година, со промената на власта, со ребалансот на буџетот и со дополнителната пренамена на средства во декември, беа обезбедени над 37 милиони евра дополнителни средства во тековната програма за исплата на заостанати обврски.
-Тоа продолживме да го правиме и во 2025-та година и во 2026-та имаме уште ставки од претходни години каде исплаќаме заостанати обврски. Паралелно го движиме тековното исплажање на субвенциите. Владата предводена од премиерот Мицкоски и министерството, овие две години покажа дека навистина сакаме да го враќаме земјоделскиот процес, во однос на тоа како било во минатото, односно да имаме зголемена продукција. Така ќе продолжиме и во наредниот период, рече Трипуновски.
Министерот порача дека застој во исплатата на субвенциите нема, ниту ќе има во наредниот период.
Целото гостување на Трипуновски во „Наткаст“, погледнете го во видеото во продолжение:




