„Денеска сум во посета на подрачната единица на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во општина Прилеп. Целта на посетата е доделување на договори од последниот Јавен повик за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кој што го спроведе Министерството во месец јануари“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Имаме доделување на 192 договори на земјоделците од овој регион, со вкупна површина близу 500 хектари. Тоа покажува дека навистина има интерес за ваков тип на повици кај индивидуалните земјоделци“, посочи министерот.
Тој во текот на својата изјава потсети дека заедно со ланските јавни повици и овие 5 јавни повици кои што се спроведоа оваа година се распределени близу 6.000 хектари на државно земјоделско земјиште. Склучени се некаде над 2.100 договори.
„Интересот за ставање во функција на државно земјоделско земјиште е повеќе од очигледен.Во наредниот период ќе продолжиме со ваква активност се со цел секоја слободна педа на земјоделско земјиште да биде ставено во функција“, појасни министерот.
Министерот Трипуновски додаде дека и контролите на терен ќе продолжат за да се запре со злоупотребите.
„Денеска ќе направам и увид на новите простории на подрачната единица. Работиме да ги подобриме условите на вработените кои што работат во подрачните единици на Министерство“, истакна министерот.