„Креаторот на сите проблеми и коруптивни дејанија во времето додека беа на власт, не можат да бидат дел од решенијата кои што ги нудат“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Министерот Трипуновски изјави дека има процесуирано постапки до ОЈО за незаконското работење на Љупчо Николовски, но нема никаква реакција.

„Гледам дека во изминатите денови е многу гласен во јавноста и се обидува да манипулира. Сакам да кажам дека станува збор за можеби за најкриминогениот министер во минатото. Ова, го говорам затоа што јас како министер по влегувањето во Министерството преземав низа на активности за проверка на неговото работење“, посочи тој.

„Јас имам поведено неколку постапки до Јавното обвинителство кои што повеќе од година дена не се процесуирани. Значи станува збор за постапки за сериозни злоупотреби на буџетски средства итн“, додаде министерот Трипуновски.

Тој го повика Јавното обвинителство да презеде активности и да ги испитаат случаите.

„Овие поднесени документи и пријави не се единствени, изминатиот период фокусирани во работата на Министерството, враќање на довребата кон институциите, кон земјоделците, рабитевме и на дополнителни проверки. Овој министер кој што сега се обидува да се појави како спасител, во минатото ја заобиколил Платежната агенција како тело за спроведувач на програмите кои што ги носи Министерството и формирал тричлена комисија надвор од процедурите и поделил грантови по 10.000 евра за т.н. мали семејни винарии, се работи за над 800.000 евра буџетски средства“, посочи министерот Трипуновски.

Тој додаде дека во процесот на делење на тие грантови бил и претседателот на партиската комисија за земјоделство, кој што по доаѓање на новата Влада даде отказ.

„И ова како предмет, кој што е во завршна фаза ќе биде доставен до Јавното обвинителство“, најави министерот.