Абиџит Банерџи, Естер Дифло и Мајкл Кремер се овогодишни добитници на Нобеловата награда за економија за нивниот „експериментален пристап кон намалување на глобалната сиромаштија“.

Дифло, втора жена добитник на Нобелова награда за економија по Елинор Остром во 2009 година, рече дека наградата ја прави „многу понизна“. Таа е исто така и најмладиот добитник на Нобелова награда за економија.

Наградата, која официјално се вика „Награда на Шведската банка за економски науки во сеќавање на Алфред Нобел“, не ја воспоставил самиот Нобел, но сепак се смета за една од основните награди.

Признанието го воспостави шведската Централна банка во 1968 година, а првиот добитник беше избран една година подоцна.

Наградата изнесува девет милиони круни (918.000 американски долари), златен медал и диплома.

Минатата недела беа доделени Нобеловите награди за медицина, физика, хемија, две награди за литература и наградата за мир.

Сите добитници ќе ги примат наградите на 10 декември во Стокхолм, на годишнината од смртта на Нобел во 1896 година, освен добитникот на наградата за мир. Нобеловата награда за мир традиционално се доделува во Осло.