Пожарот кај Расадник е подметнат и вмешани се три деца од блиското соседство. Засега ова е познато за силниот оган, кој пред два дена се распламти и кој дојде, речиси, до зградите. Информациите ги изнесе градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Потврда за ова се чека од институциите, како и детали за причините и што му претходело на пламенот. Од локалната самоуправа бараат полицијата целосно да го расветли случајот.

„Се работи за сериозна информација. Не е шпекулација. Станува збор за тројца малолетници коишто живеат во непосредна близина на местото. Знаете, понекогаш нечија детска игра може да предизвика сериозна штета и фала на Бога што таму немаме материјална штета, немаме човечки жртви, што е многу важно“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода.

Од министерството за внатрешни работи (МВР) потврдуваат дека неколку лица се повикани на разговор.

„Повикани се неколку лица. Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расветлување на случајот, по што ќе следува и соодветен поднесок“, информира МВР. 

Веднаш по пожарот, на социјалните мрежи најгласни беа шпекулациите дека инвеститори кои купиле приватни парцели притискаат за побрзо да се донесе ДУП и да се започне со градба.

За градоначалникот на Кисела Вода, овие шпекулации потекнуваат од опозицијата. Тој тврди дека нема да дозволи просторот нехумано да се бетонизира, но нов Детален урбанистички план (ДУП) сè уште нема.