Јас знам дека десет поколенија наназад сум Македонец, рече светски познатиот македонски пијанист Симон Трпчески во синоќешното гостување во ТВ Алфа.
– Јас знам дека десет поколенија наназад сум Македонец. Знам дека едниот дедо ми бил заробен зашто се борел за Македонија, од другата страна прадедото ми бил основач на комитски чети. Знам дека татко ми во време на Југославија, кога ќе ме прашаше како дете, „што си ти, Симонче“, му одговарав „јас сум Македонец и комита“. Тој велеше: „Да, јас сум југословен, но јас сакам прво да знам дека јас сум Македонец“. И јас не разбирам што има лошо во тоа. Јас утре може да земам пасош од Бурунди, но нема да се плашам да кажам дека јас сум Македонец, дека имам македонско потекло. Јас знам што сум. Мојот корен си го знам. Ќе ми биде уште попријатно да знам дека сите граѓани во државата го зборуваат македонскиот јазик, дека македонското знаме е поставено на територијата на цела Македонија, рече Трпчески.
Тој беше гостин во емисијата „Заспиј ако можеш“ каде што говореше за неговиот проект „Македонисимо“, кој е високо оценуван од музичката критика во Европа и светот.