Канадскиот премиер Џастин Трудо порача дека очекува целосна соработка од иранските власти во истрагата за падот на украинскиот патнички авион над Техеран, откако Иран призна дека војската ненамерно го соборила леталото.

Трудо нагласи дека соборувањето на авионот во Иран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот, од кои голем број Канаѓани, претставува национална трагедија и сите граѓани на Канада заедно тагуваат.

– Наш фокус останува одговорноста, транспарентноста и правдата за сите семејства на жртвите и нивните најблиски, наведува канадскиот премиер.

Тој истакна дека Канада ќе продолжи да работи со своите партнери ширум светот, со цел да се обезбеди комплетна и темелна истрага.