Перцепцијата за правосудството ќе се подобри само во оној момент кога ќе докажеме како држава дека навистина за тешки кривични дела без оглед од која сфера се, дали се работи за кривично дело – економскиот криминал, компјутерскиот итн., ќе има пресуди кои ќе бидат пропорционални на неправото. Во таа насока ги охрабруваме судовите, обвинителствата и сите други институции што правораздаваат да бидат на нивото на задачата во смисла на тоа дека навистина веќе е зрело време во РС Македонија да покажеме и на дело како треба да изгледа подобрувањето или квалитетот на правораздавањето.
Ова го изјави денеска министерот за правда Никола Тупанчески, одговарајќи на новинарски прашања, на маргините на 10-тата сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Актуелните предизвици во македонското правосудство низ перспективата на препораките на националната конвенција за Европската унија во С. Македонија“ во рамки на активностите од проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија.
Прашан за довербата во правосудството, Тупанчески потврди дека повеќе меѓународни фактори констатираа дека е ниска довербата во правосудството и тоа, според него, треба да се земе како факт, но и како поттик, мотивација за подобрување на состојбите на тој план.
-Ние како Министерство за правда работиме интензивно не само на законодавната агенда затоа што констатиравме дека не е ништо ново ова што ќе го кажам дека не е проблемот само во квалитетот на законите, туку напротив и во начинот на кој тие се имплементираат. Често знам да кажам дека и најлошиот закон може да биде добар закон ако се применува неселективно. Во таа насока работиме на создавање на оптимални услови за правораздавање и во однос на она што се нарекува ефективно и ефикасно правосудство. Во таа насока говориме околу дигитализацијата на судството и јавното обвинителство од една страна, интероперабилноста или поврзаноста меѓу институциите каде што навистина се олесни процесот на добивање информации, меѓутоа и побрзо ќе се стигне до правдата, односно до вистината, подвлекува Тупанчески.
За можноста за ветинг во правосудството, тој посочува дека компаративното искуство во соседна Албанија покажа дека тоа не е најдобар рецепт или алгоритам за решавање на состојбите. Останува консеквентен на ставот дека во земјава може да се направи прочистување на судството и со постојната регулатива и со институциите што во моментов се активни како Судскиот совет, Советот на јавни обвинители доколку си ја завршат задачата како што треба. Постојат, вели, строги критериуми коишто налагаат доколку некои не работат според она што се нарекува стандард да биде разрешен, а и да биде казнет затоа што ниту судиите, ниту обвинителите не смеат да бидат над законот.
-Во тој контекст би сакал да додадам, еве и денес ќе зборуваме за новата методологија за оценување на судиите, за квалитетот на судиите. Тоа значи пропис – подзаконски акт донесен година – година и пол наназад и од необјасниви причини беше неприменлив. Меѓутоа, дефинитивно еве веќе стигнуваме во период каде што тоа веќе од Судскиот совет е не само ветено, туку почнува да се имплементира таа методологија и верувам дека ќе даде резултат и на тој план ќе се подобрат драстично состојбите, нагласува министерот за правда.
Европските стандарди во однос на бројот на судии, вели тој, се јасни, и на 100 илјади жители би требало да има 21,5 (математички прецизно пресметано), а во нашата држава според тој стандард ние имаме повеќе судии отколку што ни треба. Меѓутоа, додава Тупанчески, факт е дека треба да се направи оптимизација и рационализација на судството затоа што, вели, најголемото оптоварување на судовите е токму во Скопје како најголем град со најголем број на жители.