За учество во изготвување на измените во Изборниот законик испративме допис до партиите и заинтересираните страни, невладини организации и здруженија, но ВМРО ДПМНЕ сè уште нема одговорено на поканата, вели министерот за правда Никола Тупанчески во интервју за НоваТВ.
– Министерството за правда неодамна го отпочна процесот на формирање на работна група за подготовка на нов Изборен законик. Идејата е реформирање на изборното законодавство што ќе овозможи вградување на сите препораки од меѓународниот фактор како што се ОБСЕ/ОДИХР, но и забелешките кои ги имаа засегнатите страни. Испратен е допис до политичките партии и заинтересираните страни, невладини организации и здруженија за да земат учество во изготвувањето на Изборниот законик. За жал, ВМРО ДПМНЕ сеуште нема одговорено на поканата, вели Тупанчевски.
Тој додава дека целта на оваа активност околу подготовката на нов Изборен законик е максимална транспарентност, инклузивност, и да бидат имплементирани сите препораки, заклучоци кои што беа констатирани на последните избори.
– Едно од укажувањата на меѓународниот фактор беше дека најдобро ќе биде Изборниот законик да биде донесен 6 месеци пред избори. Тоа се правила на игра кои однапред треба да се почитуваат и да се знаат. Изборниот законик треба да биде донесен со консензус. Последните измени на Изборниот законик се направени во 2021 година и тие се однесуваа на биометриската идентификација. Како ќе изгледа новиот Изборен законик, моделот на политичкиот систем преку кој се избираат пратениците или претставниците на државата, ќе зависи од работната група, понудените решенија, идеи и аргументација, вели Тупанчески.