Турција очекува од Македонија да и бидат испорачани 86 лица, турски државјани, кои се осомничени за поврзаност со движењето на проповедникот Фетулах Ѓулен, кого Анкара го смета за организатор на обидот за државен удар во земјата пред пет години.
– Во изминатите четири години зголемен е бројот на барањата за депортирање и екстрадиции до властите во земјава. Вкупно за 86 лица се бара депортирање од земјата, за 20 од нив се бара екстрадиција. Сите овие барања се испратени до надлежните на … Македонија, но засега не е преземен чекор во оваа насока, изјави турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок на денешната прес-конференција по повод 15 јули – Денот на демократијата и националното единство на Турција.
Тој истакна дека во изминативе пет години еден од основните приоритети на турската држава беше оневозможување на дејствувањето во земјата и во странство на движењето на Ѓулен, кое Анкара го нарекува „Фетулахистичка терористичката организација“ – ФЕТО.
Во Турција, рече Секизќок, е „дешифрирана структурната поставеност на ФЕТО во државните и вондржавните институции“ и се сузбиени нејзините активности, а спроведени се и депортации од странски држави.
– Кога сме кај … Македонија, структурите на ФЕТО продолжуваат да бидат присутни во земјава затскриени зад превези како образовни институции и трговски друштва. Во секоја прилика до надлежните на … Македонија ги пренесуваме нашите барања за оневозможување за дејствување на структурите на ФЕТО и депортирање на лицата поврзани со ФЕТО. Ставањето крај на дејностите на структурите на ФЕТО и депортирањето на лицата поврзани со ФЕТО ќе претствуваат конкретни чекори од аспект на билатералната соработка во насока на борбата против тероризмот. Ја користам оваа прилика одново уште еднаш да ги истакнам овие очекувања. Со одлучност ќе продолжат нашите дејности во насока на сузбивање на структурите на ФЕТО во странство, рече амбасадорот Секизќок.
Тој сепак посочи дека односите меѓу Турција и Македонија се зановаат врз цврсти темели и не зависат од само едно досие.– Ние со актуелизирање на барањата во врска со ФЕТО изразуваме наше легитимно барање. Турција секогаш ќе ги следи овие барања, бидејќи ние како држава сметаме дека овде ги реализираме потребите на правните постапки. Испратени се досиејата за лицата за кои бараме екстрадиција и депортирање и ќе продолжиме и во иднина да ги следиме овие наши барања. Тоа не се однесува само на Северна Македонија. Турција со упорност ќе ги следи овие барања не само за припадниците на ФЕТО, туку и за припадниците на сите останати терористички организации против кои се бориме. Бегањето од првадата не може да биде трајно и доколку не се овозможи да одговараат пред правдата овие лица ќе се загрози чувството и меѓународната совест во врска со правдата, рече амбасадорот Секизќок.
Во однос на екстрадицијата на Фетулах Ѓулен, кој живее од САД, Секизќок истакна дека се уште не се исполнети очекувањата на Турција, но оти со упорност ќе продолжат да ја следат ситуацијата, а оваа тема секогаш ќе се актуелизира во билатералните односи со Вашингтон.
Запрашан за спорот на земјава со Софија, турскиот амбасадор истакна дека не може да коментира на таа тема која е „надвор од неговите надлежности“, но го повтори официјалниот став на Анкара дека Македонија и Бугарија се две пријателски земји и оти верува дека со взаемна добра намера и со дипломатски дијалог може да се дојде до решение.