Центарот за борба против дезинформации при Дирекцијата за комуникации на турското претседателство ги отфрли тврдењата за влошено здравје на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, опишувајќи ги како неосновани и директно насочени против институцијата Претседател.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Центарот соопшти дека Ердоган, како шеф на државата, продолжува да ги извршува своите уставни овластувања и обврски, работи во интерес на својот народ и вложува максимални напори.
„Министрите, политичарите и функционерите што се среќаваат со Ердоган се свесни за неговата бистрина и силата зад неговите одлуки“, се додава во соопштението.
Објавата доаѓа по коментар за здравјето на Ердоган на Јутјуб-канал, поради што Центарот го оцени тврдењето како непочитување на сериозното новинарство и недостиг на одговорност.