Турција одбива да дозволи НАТО да учествува во војната во Украина, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата во Прага.

„Го поддржуваме продолжувањето на помошта за Украина и капацитетот на Украина да обезбеди одвраќање, но не сакаме НАТО да учествува во таа војна“, рече турскиот министер за надворешни работи.

За Турција едно е да се поддржи Украина да го гарантира нејзиниот територијален интегритет и да ги ослободи нејзините територии, но друго е да го вклучи НАТО во војната. Според министерот Фидан, тоа ризикува да доведе до регионално проширување на конфликти и поголеми кризи.

Турција успеа да ги одржи врските и со Русија и со Украина од почетокот на конфликтот во февруари 2022 година.

Турција го изрази овој став во време кога неколку земји од НАТО, вклучително и САД, ја овластија Украина да го користи оружјето што и го дадоа за цели во Русија доколку се брани од напади. Американскиот претседател Џо Бајден и даде зелено светло на Украина да гаѓа цели на руска територија, во регионот Харков, под одредени услови.