Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган прогласи победа на локалните избори, иако неговата Партија за правда и развој (АКП) ја загуби контролата во главниот град Анкара, за првпат по 25 години. Засега не е сигурно и кој ќе победи во најголемиот град во земјата, Истанбул каде кандидатите се речиси изедначени.

Според неофицијалните резултати објавени во државните медиуми, кандидатот на опозициската секуларна Републиканска народна партија, Мансур Јавас, е новиот градоначалник на Анкара.

Што се однесува до најголемиот турски град, Истанбул, кандидатот на опозицијата и кандидатот на АКП прогласија победа во трката за функцијата градоначалник.

– Победивме во Истанбул, изјави кандидатот на владејачката АКП Бинали Јилдирим.

Кандидатот на опозициската ЦХП Екрем Имамоглу изјави дека е „многу јасно“ оти неговара партија победила во Истанбул, најголемиот град во Турција.

– Знам дека победивме, тоа е многу јасно, рече Имамоглу.

Според најновите резултати кои ги пренесуваат турските медиуми, Јилдирим е во благо водство со освоени 4.111.219 гласови, во однос на Имамоглу кој доби 4.106.776 гласови.

Државната новинска агенција Анадолија редовно информираше за гласањето, но кога гласовите за Екрем Имамоглу почнаа да бидат побројни од оние на Бинали Јилдирим, запреа со извештаи за гласањето за Имамоглу речиси два часа. Агенцијата не објави резултати од пребројување на гласачките ливчиња во Бешикташ, Шишли и Бакаркој, објави весникот Џумхуриет.

На изборите учествуваа и вкупно 73 независни кандидати за началнички функции, а право на глас имаа 57 милиони граѓани. Турција е со 81 провинција меѓу кои има 30 големи градови, вклучувајќи ги и Анкара и Истанбул.