Турција денеска ја промени својата реторика, нарекувајќи го рускиот напад врз Украина „војна“ и вети дека ќе спроведе делови од меѓународниот поморски договор за ограничување на минувањето на руските воени бродови од Средоземното Море до Црното Море.

Украина ја повика Турција да го блокира натамошниот влез на руски бродови во Црното Море, од каде руските сили почнаа да навлегуваат во јужниот брег на Украина. Најмалку шест руски воени бродови и подморници минаа низ турскиот теснец овој месец.

-Сега веќе не се неколку воздушни напади, ситуацијата во Украина може официјално да се нарече војна… Затоа, ќе ја спроведеме конвенцијата од Монтре, рече денеска шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, во интервју за Си-Ен-Ен Турк.

Балансирајќи меѓу обврските кон Западот и нејзините блиски врски со Русија, Турција ја опиша руската инвазија на Украина како неприфатлива, се до денеска кога и официјално нападот го окарактеризира како војна.

Оваа реторичка промена на земјата ѝ овозможи да се повика на членови од Конвенцијата од Монтре од 1936 година, која и дозволува да го ограничи преминувањето на бродови низ нејзините теснец Дарданели и Босфор во случај на војна или друга закана.