Едно од многуте големи судења во Турција во врска со неуспешниот државен удар од 2016 година денеска е пред завршување, затоа што се очекува судот во Анкара да донесе пресуди за 497 обвинети, јави ДПА.
Судскиот процес почна во октомври 2017 година и досега имаше 243 рочишта, пренесе агенцијата.
Меѓу обвинетите има и поранешни високи воени офицери од претседателската гарда, наведува државната агенција Анадолија.
Обвинителството побара доживотен затвор за 90 од обвинетите и долги затворски казни за уште неколкумина.
Обвинителот одделно побара ослободување од обвинение за 264 осомничени и продолжување на судскиот процес против 11 лица кои се во бегство, додаде Анадолија.
Осомничените се обвинети за заземањето на седиштето на државната телевизија ТРТ во Анкара, во ноќта на пучот, на 15 јули 2016 година, и принудување на водителот на вестите да ја прочита изјавата на пучистите
Другите обвинувања вклучуваат обид за уставен преврат и членство во терористичка организација.
Вкупно 104 лица се веќе зад решетки, додека на 11 им се суди во отсуство, додаде ДПА.
Анкара за неуспешниот пуч го обвинува исламскиот свештеник Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а неговото движење го означи како терористичка група.
Турција од неуспешниот воен удар досега уапси десетици илјади лица и отпушти од работа над 100.000 јавните службеници, од кои 21.000 се од вооружените сили.
Од вкупно 289 судења во врска со обидот за воен удар, додава Анадолија, 14 се уште се во тек.