Турција забрани продажба на алкохол за време на периодот на „целосно заклучување“ на земјата, што започнува денеска. Тоа предизвика незадоволство кај противниците на владата кои велат дека претседателот Реџеп Таип Ердоган се обидува да ги наметне своите исламски вредности на 83 милиони луѓе во државата.
Забраната за продажба на алкохол во самопослугите и продавниците со синџири ќе биде од 29 април до 17 мај, јавија локални медиуми повикувајќи се на службени лица запознати со прописите на Министерството за внатрешни работи.
Во тој период ќе можат да работат само продавници кои продаваат храна и други производи неопходни за животот на луѓето, изјави неименуван турски претставник.
Одлуката за забрана на продажба на алкохолни пијалоци нема да влијае на производителите кои можат да продаваат алкохол директно на граѓаните преку интернет или преку телефонска порачка.
Членовите на водечката турска опозициска Републиканска народна партија сметаат дека регулативата ги рефлектира желбите на Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот за порелигиозен начин на живот во Турција и велат дека одлуката ќе има мало практично влијание врз ограничувањето на ширењето на коронавирусот.