Повеќе од 12 милиони евра ќе инвестира турската компанија „Пурпласт“ која отвора фабрика во ТИРЗ Скопје 2. Првата фаза од инвестицијата, вредна 5,1 милион евра, предвидува вработувања на 40 – 50 лица со почетна плата од 21.000 денари, што може да достине и до 75.000 денари. Повеќето вработени, околу 90 проценти, ќе бидат со средна стручна спрема, а останатите 10 отсто со високо образование.

Како што беше речено на денешното потпишување на Договорот за државна помош во Владата, „Пурпласт“ е децениски успешен семеен бизнис од областа на автомобилската индустрија кој извезува во 36 земји.

Изградбата на фабриката во ТИРЗ Скопје 2 е во финална фаза, технологијата е веќе донесена, а производството се очекува да почне за помалку од два месеца.

Според Договорот, државата на „Пурпласт“ и дава 2,5 хектари земјиште по субвенционирана цена, 2,5 милиони евра помош од кои 500.000 готовина и околу два милиона евра царински и даночни ослободувања.

– Станува збор за сериозна компанија со децениска традиција која вработува над 450 луѓе, извезува во над 36 земји во светот. Првата фаза од инвестицијата предвидува 40 – 50 вработени, а вкупната инвестиција над 200 вработувања. Почетната плата ќе биде над 21.000 денари, а може да достигне до 75.000 денари. Внимателно ќе го следиме овој сегмент, на платите. Ако оцениме дека е потребно, со дополнителни мерки ќе помогнеме за нивен натамошен раст, рече директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски по потпишувањето на Договорот.

Деспотовски додаде дека за 2022 година е планирано воспоставување Центар за истражување и развој во „Пурпласт“ што значи дека производите кои тука ќе се создаваат ќе имаат потенцијал за додадена вредност. Вкупната инвестиција, пак, треба да се реализира заклучно со 2026 година.

-До 2028 година се очекува компанијата да оствари три милиони евра приход и 12 – 13 отсто добивка. Внимателно ќе ја следиме државната помош, од наш интерес е компанијата да ги искористи овие средства и да почне да ги плаќа обврските кон државата, напомена Деспотовски.

Според извршниот директор на „Пурпласт“, Мехмед Шишманоглу, работата ќе почне пред мај годинава, а официјалното отворање на фабриката ќе биде во текот на летото.

Компанијата располага со 26.000 метри квадратни градежно земјиште под закуп од кое во првата фаза на инвестицијата се искористени скоро 50 отсто. Втората фаза се очекува во 2025 година.

-Почнавме со подготовка на земјиштето на 1 јули 2020 и за 7,5 месеци завршивме 75 проценти од изградбата на фабриката. Имаме вкупно 12.000 метри квадратни затворена површина, административната зграда зафаќа 1.600 метри квадратни и е на два ката, додека производната сала е со површина од 10.400 метри квадратни. Нашите нови производствени линии кои ги нарачавме од нашиот италијански снабдувач, веќе пристигнаа, сега се чекаат електрични и механички подготовки за финанално склопување, , истакна Шишманоглу.

На потпишувањето присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи кој и посака добредојде на „Пурпласт“, нагласувајќи дека инвестицијата е одлична можност за вработување на нашите граѓани.

-„Пурпласт“ покажа дека има доверба во нашите економски политики и во деловната клима за инвестирање. Верувам дека ја направивте вистинската одлука, препознавајќи го КОВИД периодот како можност за нови инвестиции, рече Битиќи.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Деспотовски потсети дека за помалку од 45 дена, ова е втор ваков настан за годинава што, рече, значи добар почеток.