Државниот совет на Турција едногласно одобри промена на статусот на Музејот Аја Софија во џамија, напиша на својот Твитер налог турскиот новинар Раџип Сојлу, повикувајќи се на извори во турската Влада.
Според него, пренамената треба официјално да биде објавена утре.
Дека турските власти размислуваат за промена на статусот на Аја Софија е објавено на 2 јули. Тогаш беше наведено дека, според последните истражувања, околу 70 отсто од турските испитаници ја одобруваат одлуката Аја Софија да се пренамени во џамија.
Против промената на статусот на оваа туристичка атракција се изјасни американскиот државен секретар Мајк Помпео, како и Руската православна црква. Државната дума на Русија упати апел до турскиот Парламент во врска со Аја Софија.
Света Софија беше најголемата христијанска црква, изградена во шести век од Византијците, а во џамија беше претворена по османлиското освојување на Цариград, денешен Истанбул, во 1453 година. Статусот од верски објект во музеј беше променет со указ во 1934 година од тогашниот турски претседател Мустафа Кемал Ататурк. Во 1985 година е призната како споменик на Светското културно наследство на УНЕСКО.