Здравствените работници во Турција денеска излегоа на улиците, протестирајќи против, како што го нарекоа, неуспехот на Владата да го спречи ширењето на пандемијата на коронавирусот.
Во Истанбул и главниот град Анкара, лекарите носеа транспаренти на кои пишуваше „Стоп за смртта“, а протестот се одржа под силни безбедносни мерки.
Во Истанбул дојде до куса расправија бидејќи полицијата првично не им дозволи на демонстрантите да прочитаат изјава, што се гледа на снимка споделена од синдикатот на лекарите на Твитер.
Демонстрантите, меѓу другото, повикаа на целосно заклучување и транспарентност на Владата во официјалните дневни податоци за коронавирусот.
Нема „светло на крајот од тунелот“ и претстојат тешки времиња, освен ако не се преземат нови мерки, рече шефот на Истанбулската комора на фармацевти, Зафер Ценап Саријалиоглу.
Бројот на новозаразени со коронавирус во Турција вчера надмина 60.000, што е нов рекорд.
Вкупно 279 луѓе починаа за еден ден во земјата со 84 милиони жители, соопшти Министерството за здравство.
Со оглед на брзото зголемување на бројот на новозаразени, турската Влада неделава ги заостри ограничувањата, продолжувајќи го вечерниот полициски час. Рестораните и кафулињата имаат дозвола да нудат само услуги за достава.