Трансатлантското единство мора да го надмине актуелниот тежок момент, изјави полскиот премиер Доналд Туск.
Тој ја нагласи важноста на врските меѓу Варшава и Вашингтон, откако Пентагон ги откажа плановите за распоредување на 4.000 американски војници во Полска. Полските власти веќе подолго време на односите со САД гледаат како на темел за безбедноста на земјата која се соочува со „настапната“ политика на Русија. Владата отворено се обидува да ги убеди граѓаните дека откажувањето на војниците не значи загрозување на сојузот.
– Задачата на сите нас овде во Полска, во Европа, како и од другата страна на Атлантикот – во САД и во Канада, е да гарантираме дека трансатлантската соработка ќе го надмине овој тежок период, независно од различните политички променливи – изјави премиерот пред новинарите. Полска планира да потроши 4,8 отсто од својот бруто-домашен производ за одбрана во 2026 година.
– Овде имате пријател и најлојален сојузник – порача Туск во обраќањето до САД, за време на потпишувањето на договорот со американската компанија „Ханивел“ (Honeywell) за изградба на центар за сервисирање на мотори за тенковите „Ејбрамс“. Тој додаде дека Америка никаде нема да најде подобар сојузник.
Довербата на полската јавност во сојузот со САД бележи пад откако Доналд Трамп дојде на власт. Анкетата на „СВ Рисрч“ (SW Research) за полскиот весник „Жечпосполита“ (Rzeczpospolita) во јануари покажа дека 53 отсто од Полјаците веќе не ги сметаат САД за доверлив сојузник. Претходно во април, во изјава за британски „Фајненшал тајмс“, Туск оцени дека „најголемото и најважно прашање“ за Европа е дали САД се подготвени да бидат лојален партнер во НАТО во случај на руски напад.




