Полскиот премиер Доналд Туск денеска на меѓународната енергетска конференција во Гдањск порача дека не доаѓа предвид, поради војната на Блискиот Исток и заканувачката енергетска криза, Европската Унија да ги ублажи санкциите за руската нафта и гас, а никако да се врати на вообичаеното предвоено работење со Русија.

Тој рече и дека Полска со сигурност никогаш повеќе нема да стане зависна од руските енергенси.

– Полска сигурно, но сметаме и цела Европа, повеќе никогаш нема да биде зависна од руската нафта и рускиот гас. Тоа за нас е прашање на вистински суверенитет. Ќе соработуваме со нашите партнери и сојузници. Ја разбираме потребата од меѓународна соработка, без неа не можеме да ја изградиме нашата нуклеарна електрана. Сето тоа добро го знаеме, но ќе соработуваме со оние на кои можеме да се потпреме, а не со оние кои се закана за нас – изјави полскиот премиер.

Туск потсети дека како премиер на Полска уште во 2014 година, по анексијата на Крим, покренал иницијатива во ЕУ за енергетска унија и дека заедно со земјите од регионот и сега работи на тоа да се одржи тој курс и независноста од руските енергенси.

– Слушам некаде гласови по повод енергетската криза и војната на Блискиот Исток дека можеби би вредело да се олеснат санкциите, дека можеби би вредело да се вратиме на она секојдневно енергетско работење со Русија. Не доаѓа предвид, господа. Тоа е прашање на безбедност, прашање на опстанок на Западот, Европа, Полска и тука сметам не само на разбирањето на нашите партнери, туку и на соработката – рече Туск.

Полскиот премиер во обраќањето на енергетската конференција во Гдањск истакна дека сега, со војната во Украина и избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток, добро се гледа колку се испреплетени безбедноста на Европејците и достапноста и цените на енергенсите.

Фото: архива