Полска подготвува нов пакет помош за Украина во вредност од 56 милиони долари, главно вклучувајќи оклопни возила, изјави полскиот премиер Доналд Туск на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Киев.

Според Туск, Полска би можела да испорача борбени авиони МиГ-29 на Украина во секое време, но Зеленски му рекол дека Киев можеби има поголема потреба од средства за воздушна одбрана и дека тој ќе разговара за ова со полските претставници, а потоа повторно ќе разговара со украинскиот претседател во понеделник.

Зеленски, од своја страна, рече дека Киев е подготвен да размени беспилотни летала за ракети за воздушна одбрана и полски борбени авиони МиГ-29. Тој додаде дека двајцата лидери разговарале за развој на поврзаноста меѓу енергетските системи на двете земји. Зеленски рече дека мировните преговори меѓу Украина и Русија, поддржани од САД, ќе продолжат во блиска иднина откако денесka заврши вториот ден од разговорите во Абу Даби.

Според украинскиот претседател, преговарачкиот тим од Киев го покренал прашањето за натамошна размена на затвореници откако двете страни денеска вратија вкупно 314 воени затвореници.

Туск, во меѓувреме, објави дека Киев и Варшава потпишале писмо за намери за заедничко производство во секторот на одбранбената индустрија, објави Укринформ.

„Потпишавме писмо за намери, кое не е само декларација за намери, туку всушност нешто многу повеќе – почеток на практична соработка. Тоа беше наша цел многу, многу месеци. Разговаравме за ова и вложивме значителни напори за да се осигуриме дека идејата за заедничко производство на оружје и муниција во претпријатија и во Полска и во Украина ќе стане реалност“, рече Туск.