До пладне на терен како функционери на актуелната влада, а попладне во партиските дресови. Изборната кампања ги растрча максимално министрите и другите актуелни носители на власта кои од изутрина промовираат проекти, пуштаат во употреба објекти, даваат изјави, а попладне се во изборна кампања. Премиерот Оливер Спасовски претпладне од Владата во својство на премиер повика да не се злоупотребуваат државните ресурси за политичка кампања и да се придонесе за фер избори. Најави дека во спротивно ќе има санкции, се вели во прилогот на ТВ 21 на кој останатите поголеми и наводно добри ТВ куќи со милионски буџети и газди милионери, можат само да позавидат.
„Очекувам одговорност на сите политички партии, свој придонес треба да дадат и активните политички функционери со тоа што нема да ги злоупотребуваат државните ресурси во изборната кампања.“, рече Спасовски.
На изјавата со соопштение реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Оливер Спасовски лаже како неговиот идол Зоран Заев. Веднаш ги погази флоскулите кои самиот ги кажуваше на прес конференцијата. Тој е носител на листа на СДСМ, а прес конференцијата во Владата ја искористи за пласирање празни партиски флоскули и манипулации“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Само по час и половина Спасовски, околу напладе, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески беа на увид на градежните работи за реконструкција на државниот пат Куманово Страцин. Спасовски токму од Куманово попладнето од 16 часот, како носител на втората изборна единица ја започна кампањата.
„Се рехабилитира комплетната коловозна контструкција со асфалтирање во два слоја и се изведува санација на три моста.“, рече Спасовски.
На друга локација, вицепремиерката за економија Мила Царовска со министерот за земјоделство Трајан Димковски и директорот на Платежна агенција Николче Бабовски во посета на компанија во скопско Визбегово. Веднаш потоа Царовска со дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ и градоначалникот на Карпош Стефан Богоев во посета на градинката Виножито во Бардовци. Сите денешни активности беа во првата изборна единица каде е втор носител на кандидатската листа на СДСМ.
„Целосно агендата на оваа Влада за инвестирање во предучилишно образование, инвестиција во најмалите или во првите пет, за да можеме да создадеме продуктивни граѓани кои што понатаму ќе вложуваат и ќе ја градат оваа наша држава заедно со нас е еднаква и со агендата на Европа, а тоа е создавање услови за предучилишно образование.“, рече Царовска.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска пак, во Битола во увид на градежните работи на Офицерскиот дом. И таа, денешната активност ја одбра во својата изборна единица. Имено, Шекеринска е носител на кандидската листа во петката.
„Офицерскиот дом во Битола е споменик на едно време но и споменик на еден град и еден цел регион, а неговата реконструкција е симбол за она што сакавме да промениме пред 3 години и на каков пат сме тргнале“, изјави Шекеринска.
Ваквиот начин на практикување на власта за време на изборна кампања не е новина. Токму СДСМ беше најголем критичар на ВМРО-ДПМНЕ дека ја злоупотребува власта во политички цели во претходните изборни циклуси. Тие тогаш се правдаа дека проектите кои ги претставуваа се претходно почнати а не во тек на изборната кампања и дека во нивните активности нема никакви злоупотреби.