Индиската Влада одби да ја обнови лиценцата за странско финансирање за добротворна организација основана од Мајка Тереза, јави денеска Радио Слободна Европа.
Мисионерите на милосрдието имаат илјадници калуѓерки кои ги надгледуваат проектите како што се напуштени детски домови, училишта, клиники и хосписи. На Божик индиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека не ја обновило регистрацијата поради неповолни податоци, пишува Би-Би-Си.
Тврдокорните Хиндуси долго време ја обвинуваат добротворната организација дека ги користи своите програми за да ги насочи луѓето да преминат во христијанство.
Хуманитарната организација ги негираше овие наводи. Во вчерашното соопштение, таа потврди дека нејзината апликација за обновување е одбиена и дека нема да управува со сметките за странско финансирање „додека не се реши проблемот“.
Претходно, главниот министер на Западен Бенгал, Мамата Банерџи, привлече критики откако објави на Твитер дека владата ги замрзнала банкарските сметки на добротворната организација. Но, и владата и државата оттогаш негираа дека сметките се замрзнати.
Добротворната организација со седиште во Калкута е основана во 1950 година од Мајка Тереза, римокатоличка калуѓерка која се преселила во Индија од нејзината родна Македонија.
Тоа е една од најпознатите католички добротворни организации во светот. Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда за мир во 1979 година за нејзината хуманитарна работа, а папата Франциск ја прогласи за светица во 2016 година, 19 години по нејзината смрт.
Владата на премиерот Нарендра Моди се обиде да го намали странското финансирање за добротворни организации и други невладини организации со седиште во Индија. Минатата година, ограничувањата доведоа до замрзнување на банкарските сметки на Гринпис и Амнести интернешенел.