Македонската фудбалска репрезентација до 19 години денеска отпатува за Португалија каде од среда до 18. ноември ќе настапи на турнир за пласман во елитна фаза во рамки на квалификациите за место на Европското првенство 2026.

Избраниците на селекторот Ерхан Селими ќе имаат силна конкуренција со репрезентациите на Португалија, Белгија, како и Естонија.

-Групата е многу силна. Португалија и Белгија се фаворити за првите две места кои обезбедуваат пласман во следната фаза. Нашата репрезентација бележи значителен напредок, како на играчки, така и на резултатски план во последниот период, што ни дава право да гледаме со оптимизам. Сепак, сме свесни дека ќе се соочиме со многу силни противници. Не се чувствуваме како аутсајдери и ќе дадеме максимум на натпреварите во Португалија, изјави селекторот Селими.

Македонските фудбалери во воведното коло ќе играат против Белгија, в среда, а три денови подоцна ќе се соочат со домаќинот Португалија, пред завршниот дуел на 18. ноември против Естонија. Најдобрите две репрезентации од секоја група и една најдобро третопласирана селекција, обезбедуваат место во елитната фаза од квалификации за пласман на Европско првенство.