Адвокатот Мајкл Авенати кој ја застапуваше порно актерката Сторми Даниелс во нејзината правна битка против претседателот Доналд Трамп, е уапсен под обвиненија дека се обидел да изнуди околу 20 милиони долари од компанијата Најк.

Обвиненијата против него ги поднесоа државни обвинители од Њујорк и од Лос Анџелес.

Калифорнискиот обвинител тврди дека Авенати проневерил пари на клиент за да покрие сопствени долгови и дека користел лажни документи за поврат на данок за да добие од банка милиони долари заем.

Њујоршките обвинители го товарат дека се состанал со адвокати на Најк на 19 март и се обидел да изнуди од компанијата меѓу 15 и 25 милиони долари со закани дека ќе изнесе во јавност обвинувања против компанијата.

Авенати стана познат како адвокат на Даниелс порно актерка која го обвини Трамп за исплати пред изборите во 2016 година за да молчи за нивна наводна афера.