Наплаќале 24 – часовно обезбедување на патарини, а работеле само една смена и го оштетиле буџетот во јавното претпријатие Државни патишта за нешто под 800 илјади евра. Полицијата ги уапси поранешниот директор на претпријатието Ејуп Рустеми, Дрилон Зибери раководител на одделение за наплата на патарини и контрола, Ејуп Љатифи помошник директор за одржување на патишта, Џемал Билбиловски сопственик на агенција за обезбедување.
Пред три години газдата на агенцијата за обезбедување добил државен тендер за да ги обезбедува патарините 24 часа но вршел само делумно обезбедување, односно си работеле само прва смена, а наплаќале како за цел ден. Надлежните знаеле, но не контролирале и дозволиле да се оштети буџетот.
Против тогашниот управител на фирмата од Кичево и правното лице е поведена истрага за кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ од член 275-в од Кривичниот законик, додека за останатите четворица – тогашен директор на претпријатието, еден од потписниците на договорот и двајца надлежни за контрола на реализацијата, се води постапка за кривични дела кои опфаќаат злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување службени исправи, велат од МВР.
Обвинителството отвори истрага и побара притвор за првоосомничениот Оттаму велат и дека тогашниот директор на јавното претпријатие иако бил должен да контролира дали договорот е спроведен во целост, го пропуштил должниот надзор. Ниту раководителите на одделението за наплата на патарини и контрола не вршеле контроли.
Двајца осомничени раководители на одделение за наплата на патарини и контрола, исто така имале задолжение да го следат договорот и неговото исполнување, да вршат контрола во извршувањето, одобрување на работни налози за извршување на услугата, испратници, следење на квалитетот на извршените услуги и проверка на доспеаните фактури, како и да изготвуваат извештаи дали договор е целосно реализиран. Таквите контроли не ги вршеле во целост и иако знаеле дека обезбедувањето се извршува само делумно најчесто во прва смена, ги потпишувале барањата за одобрение за плаќање, велат од ОЈО.
Се чека Кривичниот суд да се произнесе за предлогот на обвинителството за определување мерка притвор за првиот осомничен. За останатите се предложени мерки на претпазливост.