Уредникот на популарната белоруска медиумска куќа Сергеј Сацук денеска е уапсен по претрес на станот, во најновиот потег на белоруските власти во Белорусија да ги задушат независните медиуми, јавија западни медиуми.
Сацук, главен уредник на „Јежедневник“, онлајн публикација, беше приведен по претресот во неговиот стан под обвинение за поткуп што тој негира, соопшти неговиот брат. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна затвор до 10 години.
Сацук е 30-тиот новинар во притвор во Белорусија кој чека судење или отслужување казна.
– Новинарството стана една од најопасните професии во Белорусија, изјави за Асошиетед прес, Андреј Бастунец, претседател на белоруското здружение на новинари, пренесува Бета.
Тој рече дека слободата на говор е најмногу загрозена во Белорусија кога станува збор за Европа, каде властите им скусуваат на граѓаните каква било алтернативна информација.
Медиумите на Сацук редовно известуваа за протестите што избувнаа по резултатите од претседателските избори во август 2020 година, кои опозицијата и Западот не ги признаа, сметајќи ги за наместени.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кој го доби шестиот мандат на изборите, започна остра пресметка со демонстрантите, при што повеќе од 35.000 луѓе се уапсени, а илјадници се под закани од полицијата.
На почетокот на овој месец, Сацук започна нов проект за независни новинари и активисти опишани од белоруските власти како екстремисти и терористи.