Еден од најопасните италијански бегалци е фатен во Грција, откако фотографијата на која го бодри својот омилен фудбалски тим ѝ откри на полицијата каде се наоѓа. Се верува дека 60-годишниот Винченцо Ла Порта има блиски врски со организираната криминална група Камора во Неапол.

Ла Порта беше во бегство 11 години, пред да биде забележан на почетокот на оваа година на фотографија на која се навивачите кои ја прославуваат титулата на Наполи во Грција. Она што го издаде е неговата страст за фудбалот и за Наполи, соопшти полицијата во Неапол, пренесе Би-би-си.

Полицијата тврди дека станува збор за фотографии направени откако фудбалскиот клуб Наполи го освоил првото италијанско првенство по повеќе од три децении. „Поради освоената шампионска титула, Ла Порта не одолеа да слави“, убедени се полицијата. Ла Порта веќе е осуден во отсуство за злосторничко здружување, даночно затајување и измама во Италија.

Полицијата конечно го уапси во петокот додека се возел со својот мопед на грчкиот остров Крф и моментално е во затвор и чека екстрадиција во Италија. Доколку биде екстрадиран во Италија, му се заканува затворска казна од 14 години и четири месеци.

„Заснова ново семејство во Грција… Има деветгодишно синче и работи како готвач за да преживее. Боледува од срцеви заболувања. Доколку биде екстрадиран, неговото семејство ќе биде уништено“, изјави адвокатот на Ла Порта.

Властите беа немилосрдни во потерата по Ла Порта, внимателно чекајќи тој да направи погрешен потег. Полицијата конечно го забележала на фотографија пред ресторан на Крф меѓу навивачите на Наполи како носи бејзбол капа и мавта со бело-сина марама. Со мала помош од грчките колеги, тој беше уапсен во петокот.